Властите на Соединетите Американски Држави (САД) ја зголемија наградата за информации што ќе доведат до апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 25 милиони американски долари, набргу откако тој положи заклетва за трет претседателски мандат.
Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, исто така, ја зголеми наградата за информација што ќе доведе до апсење на венецуелскиот министер за внатрешни работи и правда Диосдадо Кабело на 25 милиони американски долари.
Ова го соопшти портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.
Понудена е нова награда од 15 милиони долари за информација која може да доведе до апсење на министерот за одбрана Владимир Педрин, јавува Anadolu.
Американската администрација санкционираше уште седум лица, со што бројот на венецуелски функционери под американски економски санкции се искачи на 187, а речиси две илјади лица се под визни ограничувања.
„Ние ги преземаме овие активности заедно со слични акции што ги преземаат Канада, Европската унија, Обединетото Кралство, за да демонстрираме координирана порака за солидарност со народот на Венецуела и дополнително да ги подигнеме меѓународните напори за одржување на притисокот врз Мадуро и неговиот претставници“, им рече Кирби на новинарите за време на онлајн брифингот.
Мадуро победи на изборите во Венецуела во јули минатата година со 51,2 отсто од гласовите.
Резултатите ги објави Националниот изборен совет на Венецуела, а кандидатите на опозицијата Едмундо Гонзалес и Марија Корина Макадо ги отфрлија резултатите и го обвинија Мадуро за изборна измама.