Либералната партија на канадскиот премиер во заминување Џастин Трудо доцна вчера објави дека ќе избере нов лидер на 9 март, пред овогодинешните избори, за кои анкетите покажуваат дека рејтингот на партијата е значително ослабен.
Трудо пред четири дена најави дека ќе поднесе оставка како лидер на владејачката Либерална партија и премиер по девет години на власт, но вети и дека ќе остане на функцијата додека неговата партија не избере замена.
Канадскиот премиер се најде под силен притисок од пратениците на либералите да поднесе оставка поради предизборните анкети кои сугерираат дека партијата ќе биде цврсто поразена на следните избори.
„Либералната партија на Канада ќе избере нов лидер на 9 март и ќе биде подготвена да се бори и да победи на изборите во 2025 година“, се вели во соопштението на партијата.
Националниот управен комитет на партијата синоќа официјално се состана за да разговара и да ги утврди првичните правила на претстојната лидерска трка.
Лидерското гласање ќе заврши на 9 март, а истиот ден ќе биде објавен и новиот лидер, велат оттаму.
Парламентот ќе биде суспендиран до 24 март
Глоуб и мејл објавија дека поранешната министерка за финансии Кристиа Фриланд и поранешниот гувернер на Банката на Канада, Марк Карни се подготвени да се кандидираат за лидерство на Либералната партија, додека министерката за надворешни работи Мелани Жоли и министерот за иновации Франсоа-Филип Шампањ сè уште не се сигурни дали ќе влезат трката. Трудо веќе изјави дека парламентот ќе биде суспендиран до 24 март.
Ова значи дека 53-годишниот Трудо сепак ќе биде премиер на 20 јануари, кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој се закани дека ќе воведе царини за Канада кои би можеле да ја осакатуваат економијата, ќе ја преземе функцијата.
Трамп, исто така, рече дека може да употреби економска сила за да ја направи Канада 51-та држава на САД, што канадскиот лидер силно го отфрли.
Трудо е еден од канадските премиери со најдолг стаж.
Трудо ја презеде функцијата премиер во ноември 2015 година и беше реизбран двапати, што го прави еден од премиерите со најдолг стаж на Канада.
Но, неговата популарност почна да опаѓа пред две години поради гневот на јавноста поради високите цени и недостигот на станови и никогаш не закрепна, пишува Ројтерс.
Предизборните анкети покажуваат дека либералите убедливо ќе загубат од главната опозициска Конзервативна партија на изборите што треба да се одржат до крајот на октомври, без разлика кој ќе биде лидер.
Парламентот требаше да продолжи на 27-ми јануари, а опозициските партии ветија дека ќе ја соборат владата што е можно поскоро, најверојатно до крајот на март.
Меѓутоа, доколку парламентот не се состане до 24 март, опозицијата ќе може да иницира гласање доверба само во мај.