Министрите за надворешни работи на Турција, Иран и Русија ќе се сретнат утре во Доха за да разговараат за ситуацијата во Сирија, објави Ројтерс, повикувајќи се на турски дипломатски извор.
Бунтовниците во Сирија минатата недела го освоија главниот северен град Алепо, а потоа тргнаа кон центарот на градот Хама.
Турција, Русија и Иран редовно водат разговори за иднината на Сирија во трилатерален формат како дел од мировниот процес во Астана.
Додека Турција, членка на НАТО, ја поддржува политичката и вооружената опозиција, Русија и Иран го поддржуваат сирискиот претседател Башар ал Асад.
Изворот рече дека министрите се очекува да се сретнат на маргините на Форумот во Доха во сабота, како дел од процесот во Астана, но не беа дадени дополнителни детали.
Во понеделникот турскиот министер за надворешни работи Хаканс Фидан, по разговорите со неговиот ирански колега Абас Арачи во Анкара, најави дека ќе се направи нов обид за заживување на процесот во Астана.
Анкара го повика Асад да го ангажира сирискиот народ во политичко решение, негирајќи каква било вмешаност во операцијата на бунтовниците и нагласувајќи дека не сака нова мигрантска криза на нејзините граници.