Граничниот премин меѓу Либан и Сирија, Масна, е блокиран по израелскиот напад извршен утринава во близина на преминот, бидејќи поради израелскиот напад е оштетен патот по кој луѓето од Либан се евакуираат во Сирија, изјави либанскиот министер за Транспорт, Али Хамиех.
Тој за Ројтерс изјави дека нападот се случил на либанска територија во близина на граничниот премин и оставил кратер широк четири метри.
Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Авичај Адри во четвртокот ја обвини либанската милитантна група Хезболах дека го користи преминот за транспорт на воена опрема во Либан, пренесува Танјуг.
„ИДФ нема да дозволи шверц на оружје и нема да се двоуми да одговори доколку биде принудена да го стори тоа“, рече Адри на платформата Х.
Според либанската влада, повеќе од 300.000 луѓе, повеќето Сиријци, преминале од Либан во Сирија во изминатите 10 дена, бегајќи од израелските бомбардирања.