Непосредно пред Иран да лансира десетици ракети кон Израел, во Тел Авив се случи престрелка во која загинаа седум лица, а некои беа тешко ранети.
Според извештаите, вооружениот напаѓач отворил оган врз минувачите во областа Јафа.
Смртоносниот напад започнал во вагонот на возот, а потоа продолжил на перонот, се наведува во соопштението на локалната полиција.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат неподвижни тела на улица.
Полицијата соопшти дека присутните ги „неутрализирале“ двајцата напаѓачи, од кои едниот бил вооружен со нож.
Иако идентитетот на напаѓачот се уште не е соопштен, полицијата соопшти дека овој напад го смета за „терористички“.
Некои израелски медиуми претходно објавија дека загинале осум лица, но не е јасно дали во таа бројка се вклучени и напаѓачите.
Престрелката се случи непосредно пред Иран да истрела десетици проектили кон Израел.
Додека иранските проектили и израелските ракети за противвоздушна одбрана летаа над градот и се огласија сирените за воздушен напад, полицијата беше на местото на настанот, но под закрила.
„Луѓето беа на земја, ми рекоа да се наведнам. Го видов терористот, тој беше свртен кон мене. Тој сакаше да направи нешто, но безбедносните сили пристигнаа и се упатија кон него“, изјави за Ројтерс Бенџамин Разон, еден од сведоците на пукањето.
Друг сведок изјави за Jerusalem Post дека на почетокот мислеле дека пукањето е всушност огномет, за подоцна да сфатат дека е „нешто многу полошо“.
„Имаше многу пукање, легнавме на подот, луѓето плачеа. Видов како некој крвари на земја.“
Сопственикот на продавницата рече дека брзо ги спуштиле решетките на прозорците кога виделе „куп луѓе како трчаат и викаат „терористички напад“.
Весникот Хартез ги пренесува зборовите на очевидец кој бил во синагогата во моментот на нападот.
„Меѓу верниците имаше и медицински лица, волонтери на израелската брза помош. Во синагогата му помогнавме на еден ранет, а потоа истрчавме на улица да им помогнеме на другите.“