Израел вчера објави дека извршил воздушни напади врз стотици цели на Хезболах, при што загинаа 356 луѓе, што според властите е најсмртоносниот ден во Либан во последните децении.
По некои од најинтензивните прекугранични престрелки од избувнувањето на борбите минатиот октомври, Израел ги предупреди жителите во Либан да ги напуштат областите каде што вели дека вооружените групи складираат оружје.
Десетици илјади луѓе бегаат од јужен Либан „поради израелските ѕверства“, изјави за Ројтерс либанскиот министер за координација на одговорот на кризи, Насер Јасин.
Тој рече дека досега се активирани 89 привремени прифатилишта во училиштата и слични објекти, со капацитет за повеќе од 26.000 луѓе.
Семејствата од јужен Либан вчера ги заглавија патиштата кон север, бегајќи од израелските бомбардирања во неизвесна иднина, со деца фатени во скутот на нивните родители, куфери врзани за покривите на автомобилите и темен чад што се издига зад нив.
Огромен број автомобили, комбиња и пикапи беа натоварени со предмети и полни со луѓе, често со неколку генерации во едно возило, додека поединечни семејства бегаа набрзина земајќи ги само неопходните работи.
„Кога почнаа да напаѓаат куќи наутро, ги зедов сите важни документи и излеговме. Тие напаѓаа насекаде околу нас. Беше страшно“, рече Абед Афоу, чие село Јатер беше тешко погодено во утринскиот напад.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера во кратко видео му се обрати на либанскиот народ. „Израел не војува со вас, туку со Хезболах. Предолго Хезболах ве користи како жив штит“, рече тој.
По речиси една година војна против Хамас во Газа на неговата јужна граница, Израел го префрла фокусот на северната граница, каде Хезболах истрелува ракети кон Израел како поддршка на Хамас, кој исто така е поддржан од Иран.
Израелската армија објави дека погодила цели на Хезболах на југ, исток и север од Либан.
Либанскиот министер за здравство изјави дека загинале 356 лица, од кои најмалку 21 дете и 39 жени, а ранети се 1.246.
Либански функционер рече дека ова е најголем број жртви на насилство во Либан од граѓанската војна 1975-1990 година.
Нетанјаху рече дека Израел се соочува со „комплицирани денови“ додека ги засилува нападите врз јужен Либан и ги повика Израелците да останат обединети.
„Ветив дека ќе ја вратиме безбедносната рамнотежа, рамнотежата на силите на север – токму тоа го правиме“, рече тој.
Високиот лидер на Хезболах Али Караки, лидерот на јужниот фронт, бил цел на синоќешниот напад врз јужните предградија на Бејрут, но неговата судбина синоќа не била позната, изјавил извор од безбедносните сили за Ројтерс.
Претходно вчера израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека воената кампања ќе продолжи се додека „не ја постигнеме нашата цел за безбедно враќање на жителите на северен Израел во нивните домови“.
Од друга страна, Хезболах вети дека ќе се бори додека не дојде до прекин на огнот во Газа.
Израелската војска соопшти дека погодила околу 800 цели поврзани со Хезболах во јужен Либан и долината Бека.
„Меѓу погодените цели има згради каде Хезболах криел ракети, проектили, лансери и дополнителна терористичка инфраструктура“, се вели во соопштението.
Хезболах вчера не ги коментираше тврдењата на Израел дека крие оружје во домовите, но нагласи дека не поставува воена инфраструктура во близина на цивили.
Како одговор на нападите, Хезболах соопшти дека истрелал десетици ракети врз воена база во северен Израел.
Сирени кои предупредуваа за ракетни напади на Хезболах се слушнаа низ северен Израел, вклучително и пристанишниот град Хаифа, како и во северниот дел на окупираниот Западен Брег, соопшти армијата.
Портпаролот на израелската војска изјави дека израелските авиони се подготвуваат да ги нападнат складиштата за стратешко оружје на Хезболах лоцирани во домовите во долината Бека и ги повика цивилите веднаш да се евакуираат.
„Сцените сега од јужен Либан се секундарни експлозии од оружје на Хезболах, кои експлодираат во куќите“, рече контраадмиралот Даниел Хагари во телевизиска изјава.
„Во секоја куќа што ја напаѓаме има оружје. Ракети, проектили, беспилотни летала што беа наменети да убијат израелски цивили.
Нападите дополнително го зголемија притисокот врз Хезболах, кој претрпе големи загуби минатата недела кога експлодираа илјадници пејџери и воки-токи што ги користеа неговите членови.
Во друг голем удар, израелскиот воздушен напад врз јужното предградие на Бејрут во петокот уби 45 луѓе, меѓу кои и високи команданти на Хезболах.
Борбите ги зголемија стравувањата дека САД, близок сојузник на Израел, и Иран би можеле да бидат вовлечени во поширока војна.
Имад Крејдие, раководител на либанската телекомуникациска компанија Огеро, рече дека биле откриени повеќе од 80.000 автоматски повици преку Интернет, предупредувајќи ги луѓето да ги евакуираат нивните области.
Либанскиот министер за информации Зијад Макари рече дека неговото министерство добило израелски повик со наредба да ја евакуира својата зграда, но дека нема да се придржува. „Ова е психолошка војна“, изјави Мацари за Ројтерс.
Соочен со финансиски колапс, Либан тешко може да се справи со уште една војна како онаа што избувна во 2006 година, кога Израел ја бомбардираше земјата за време на едномесечниот конфликт со Хезболах, предизвикувајќи голема штета на инфраструктурата.
Мохамед Сибаи, сопственик на продавница во областа Хамра во Бејрут, рече дека ескалацијата на нападите ја гледа како „почеток на војна“. „Ако тие сакаат војна, што да правиме? рече тој. „Ништо не можеме да направиме“.