ЕУ одобри субвенции од пет милијарди евра за фабрика за чипови во Германија

Сподели со своите пријатели

Европската комисија одобри државна помош од пет милијарди евра за новата фабрика за микрочипови на компанијата за производство на полупроводници (ESMC) во Дрезден.

Loading...

ESMC е заедничко вложување помеѓу Taiwan Semiconductor Manufacturing Company (TSMC), Bosch, Infineon и NXP.

„Поддршката за ESMC, одобрена според правилата за државна помош на ЕУ, ќе придонесе за подобрување на европската безбедност на снабдувањето и еластичноста, како и за дигиталниот суверенитет во полупроводничките технологии. Тоа ќе придонесе и за дигиталната и зелената транзиција“, соопшти Европската комисија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на церемонијата на отворањето на фабриката во Дрезден рече дека новата фабрика ја потврдува Европа како глобална моќ во иновациите, ја зајакнува технолошката отпорност и значи отворање на 11.000 работни места низ Европа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Борел предлага да се прекине дијалогот со Израел

Се проценува дека изградбата на фабриката ќе чини вкупно десет милијарди евра.

Новата фабрика ќе снабдува чипови со високи перформанси и ќе биде „отворен тип“, што значи дека секој клиент, а не само акционерите на ESMC, ќе може да нарача производство на специфични полупроводници.

Заменик-претседателката на Комисијата задолжена за политиката на конкуренција Маргрете Вестагер рече дека германската државна помош од пет милијарди евра ќе ги зајакне капацитетите за производство на полупроводници во Европа и ќе и помогне на ЕУ во зелената и дигиталната транзиција, како и ќе создаде можности за вработување на висококвалификувани работници.

Таа додаде дека фабриката „отворен тип“ ќе обезбеди пристап до полупроводници на широк спектар на клиенти, вклучувајќи мали бизниси и стартапи.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Европскиот парламент ја повика ЕУ да ги зајакне санкциите против руската „флота во сенка“

На церемонијата во Дрезден присуствуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој рече дека полупроводниците се клучни за опстанокот на индустријата и за климатските цели на земјата.

Шолц ја нагласи важноста од зголемување на производството на чипови во Германија за да се намали зависноста на Европа од другите во рамките на глобалниот синџир на снабдување.

Фон дер Лајен најави и во Дрезден дека во новиот мандат на чело на Комисијата ќе преземе дополнителни мерки за подобрување на конкурентноста на европската индустрија.

Како што рече, ќе се формира европски фонд за конкурентност за инвестиции во стратешки технологии, вклучително и во областа на чиповите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Во Германија расте омразата кон странците

Германскиот министер за економија Роберт Хабек по одобрувањето на државната помош изјави дека германската влада ќе го задржи брзото темпо на проектот и брзо ќе го заврши одобрувањето на финансирањето.