Хамас и Исламски џихад ја повикаа ПЛО да го повлече признавањето на Израел

Сподели со своите пријатели

Палестинските групи Хамас и Исламскиот џихад го повикаа раководството на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) да го повлече признавањето на Израел, откако Кнесетот во четвртокот усвои резолуција со која се отфрла формирањето на палестинска држава.

Loading...

Групите го објавија ова доцна во четвртокот по состанокот во Катар меѓу лидерот на Хамас Исмаил Ханије и шефот на Исламскиот џихад Зијад Накалех и неговиот заменик Мохамед ал-Хинди, пишува „Тајмс оф Израел“.

Хамас и Исламски џихад нагласија дека палестинскиот народ има право да основа сопствена независна држава со Ерусалим како главен град.

Израелската резолуција беше усвоена со 68 гласа „за“ и 9 „против“ и целосно го отфрла формирањето на палестинска држава, дури и како дел од мировниот договор.

Резолуцијата беше заеднички поддржана од партиите од коалицијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, како и од десничарските партии од опозицијата, а документот доби поддршка дури и од центристичката Партија за национално единство на Бени Ганц.