Големиот христијански празник Бадник денеска беше одбележан со мултиетничко чествување во ДСУ-РЦСОО „Киро Бурназ“ во Куманово.
Учениците кои посетуваат настава на македонски јазик беа домаќини на врсниците кои посетуваат албански наставен јазик, со возвратно дружење за време на муслиманските празници, а со цел да ги споделат своите обичаи, култури и традиции, и да празнуваат заедно во духот на почит и меѓусебно разбирање.
На прославата присуствуваше и Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Бадник е време кога се потенцираат вредностите на мир, љубов и хармонија. Нашето мултиетничко дружење ја отсликува оваа порака на младите луѓе кои потекнуваат од различни верски и етнички позадини, а кои заедно празнуваат и ги споделуваат најубавите аспекти на своите култури”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека настанот е дел од проектот „Безбедни училишта“, кој по 13-ти пат успешно се реализира од страна на Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со локалните училишта.
Никола Ивановски