Во пресрет на престојните новогодишни и божиќни празници Секторот за внатрешни работи Куманово упатува апел до граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства пред и за време на новогодишната ноќ бидејќи на тој начин си го доведуваат во опасност животот и здравјето на самите себе, но и на другите.
СВР Куманово и годинава спроведува превентивна кампања, со цел на граѓаните да им се укаже за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства.
– Воедно, се преземаат и репресивни мерки со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства. СВР Куманово ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба. Во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, во член 31 е предвидена глоба за оној кој употребува пиротехнички средства, информира Ивана Младеновска, портпарол на Секторот за внатрешни работи Куманово.
Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:
(1) Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;
(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.
– Би сакала да потенцирам доколку се најдат во ситуација некој да им понуди пиротехнички средства може да пријават на 192, додава Младеновска.
Никола Ивановски