Мецола: „Европа мора да биде подготвена за нови реформи“

Сподели со своите пријатели

Европа мора да биде подготвена за реформи и да прифати дека она што функционира за сегашниот број членки на Европската унија нема да функционира со поголем број, изјави во вторник во Стразбур претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Loading...

Таа се осврна на потребата од ревидирање на договорот на Унијата, за кој Европскиот парламент се залагаше во резолуција минатата година, со цел да се исполнат очекувањата на граѓаните и предлозите на Конференцијата за иднината на Европа.

„Не можам да оправдам дека поминавме година и пол на Конференцијата за иднината на Европа со големи заклучоци и многу големи изјави, а потоа – ништо“, рече Мецола, додавајќи дека и Парламентот и Комисијата „потрошиле многу на пари“ на CoFoE.

„Мораме да бидеме подготвени да прифатиме дека она што некако функционира за 27 (членови), нема да работи за 32, 33 или 35 и дека мора да бидеме подготвени за реформи“, рече Мецола на новинарите.

Таа нагласи дека не се работи само за заедничка земјоделска политика или за укинување на едногласноста во надворешната политика, туку дека политичарите треба да разберат дека Унијата е „посилна и побезбедна и политички и економски ако е поголема“.

Граѓаните на 27-те земји-членки на Унијата повторно ќе излезат на гласање во јуни 2024 година, а Мецола изрази надеж дека договор за пактот за миграција и азил ќе биде постигнат пред европските избори.

Меѓународната организација за миграција на ОН (ИОМ) во август објави дека најмалку 2.060 мигранти загинале во Средоземното Море од почетокот на годината, а илегалните миграциски притисоци се зголемени низ Европа.

– Ако ова прашање не се реши, „гласачите ќе мислат дека сме неспособни“, предупреди претседателката на Европскиот парламент.

Loading...

Во предизборието приоритетни теми ќе бидат климата, економијата, станбената политика за младите, борбата против екстремизмот, како и појасна комуникација меѓу политичарите и граѓаните, рече лидерот на Европскиот парламент.