Половина милијарда евра платиле домаќинствата и малите фирми за струја. Колку спечалиле енергетските компании?

Сподели со своите пријатели

Сите надлежни, сѐ до премиерот, ја најавуваа минатата зима како најтешка по Втората светска војна. Цените на гасот и на струјата во еден момент достигнаа децениски рекорди и стравувањата беа како да се платат. За среќа, зимата му беше наклонета на народот, па преполните резервоари со гас низ Европа не се трошеа со претпоставеното темпо, што доведе до извесно смирување и на цените на електричната енергија.

Loading...

Пред нас е уште една неизвесна зима. Војната во Украина не стивнува, а сите прогнози се неблагодарни. Порталот Пари, во соработка со платформата БизнисМрежа.мк, погледна наназад – што им се случуваше на енергетските компании за време на најголемата криза од финансиски аспект и колку тие се подготвени за новата сезона?

ТОП 5 енергетски фирми по приход во 2022 година (во евра)

 

ДОМАЌИНСТВАТА, МАЛИТЕ ФИРМИ (И ОНИЕ „ВО КРАЕН СЛУЧАЈ“) ЛАНИ ПЛАТИЛЕ 500 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СТРУЈА

ЕВН Македонија, како што е објаснето на официјалната веб-страница, е составена од повеќе компании: ЕВН Хоме, ЕВН Снабдување, ЕВН Електрани, и Електродистрибуција.

ЕВН Хоме снабдува со електрична енергија над 700.000 корисници. Поточно, ЕВН Хоме ја извршува улогата на универзален снабдувач со електрична енергија и снабдувач во краен случај. Што значи ова? Сите домаќинства и мали правни субјекти корисници на електрична енергија за кои цената ја одредува Регулаторната комисија за енергетика се снабдуваат преку ЕВН Хоме, иако може да изберат и друг снабдувач, но тоа е неповолна опција.

Снабдувањето во краен случај значи дека ако некоја фирма или јавна институција остане без снабдувач (кога е на слободниот пазар), автоматски ќе добие снабдување во краен случај.

Loading...

ЕВН Хоме лани направила приход од 500 милиони евра, што значи толку пари платиле домаќинствата и малите фирми, како и оние кои купувале струја во краен случај.

Лани добивката на ЕВН Хоме била 8,9 милиони евра, а претходната година била во загуба.

На второ место по приход во енергетскиот сектор е трговецот со струја ГЕН-И продажба на енергија ДООЕЛ Скопје. Практично, тој е најголемиот трговец со струја на компаниите во Македонија и направил промет од над 330 милиони евра. Големите трговци со струја вообичаено имаат мал број вработени, а овој имал само три, кои лани создале добивка од над 350.000 евра, што е слично како и во 2021 година.

ЕТМТ Енерџи е фирмата која минатата година најмногу купуваше вишоци на струја што ги продаваше АД Електрани на Северна Македонија – ЕСМ.

ЕТМТ Енерџи е во сопственост на компанијата Енер Трејд од Албанија, за што пишуваше ИРЛ (https://irl.mk/kakokoruptsiataiamateriteadelegiraaapartiteasprovedoaenergetskatakatastrofa/). Таа лани направила над 215 милиони евра приход, што е за 2.374 насто повеќе отколку во 2021 година, кога имала приходи од 8,7 милиони евра, а добивката, пак, ѝ се зголемила за 5.505 насто, од 267.000 евра на 15 милиони евра.

ЕТМТ Енерџи лани имала само еден вработен, исто како и претходната година.

ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје има лиценца за снабдување со електрична енергија на отворениот пазар. Лани направила промет од 204 милиони евра, што е 152 насто повеќе отколку во 2021 година, и направила добивка од 8,9 милиони евра, додека во 2021 година била во загуба.

Друштво за трговија и услуги ЕВН Трејдинг ДООЕЛ Скопје е во сопственост на ЕВН трејдинг Саут–Ист Јуроп од Софија, која, пак, е во целосна сопственост на австриската ЕВН. Компанијата се занимава со трговија со електрична енергија и има остварено промет од 174,6 милиони евра, нема добивка, и има двајца вработени. Иако приходите преклани ѝ биле значајно помали (77,5 милиони евра), во 2021 година компанијата остварила мала добивка од 3.000 евра.

Loading...

ТОП ПЕТТЕ ЕНЕРГЕТСКИ ФИРМИ ПО ДОБИВКА ЗАЕДНО НАПРАВИЛЕ ЧИСТ ПРОФИТ ОД 43 МИЛИОНИ ЕВРА

Кога би се наредиле според добивка, во ТОП пет компании што најмногу заработиле во енергетскиот сектор, три се од ТОП петте компании по приход, само редоследот е поинаков: најпрофитна е ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје, со профит од 15 милиони евра, па ЕВН Македонија Електроснабдување, со 8,93 милиони евра, а на трето место е ЕВН Хоме, со добивка од 8,90 милиони евра. Во ТОП пет по добивка се две компании што ги нема во ТОП пет по приходи, а тоа се: Друштво за трговија и услуги ДУФЕРЦО МК ДОО Скопје, и Друштво со ограничена одговорност основано од едно лице ЕСМ Продажба ДООЕЛ Скопје.

Друштво за трговија и услуги ДУФЕРЦО МК ДОО Скопје има лиценци за трговија со електрична енергија. Тоа лани остварило добивка од 5,2 милиони евра, а во 2021 година имало добивка од нецели 430.000 евра. Друштвото забележало и значаен раст на приходи – од 16,4 милиони евра во 2021 година на 112 милиони евра во 2022 година. Компанијата има еден вработен.

АД Електрани на Северна Македонија во државна сопственост, е основач на повеќе здруженија со ограничена одговорност, основани од едно лице, меѓу кои и ЕСМ Продажба ДООЕЛ Скопје. Ова друштво, освен што е учесник на пазарот на електрична енергија преку лиценца за снабдување, од 15 октомври лани, согласно со добиената лиценца до 30 април 2023 година, ја извршува дејноста регулирано производство на топлинска енергија. Така, компанијата минатата година имала чист профит од 4,9 милиони евра, а во 2021 година имала 167.000 евра. Ланскиот приход ѝ бил 106,8 милиони евра, а во 2021 година – 35,2 милиони евра. Лани имала 99, а преклани само еден вработен.

ТОП 5 енергетски компании по добивка во 2022 година (во евра)

 

Целата анализа е достапна на следниот линк: 

https://pari.com.mk/polovina-milijarda-evra-platile-domakjinstvata-i-malite-firmi-za-struja/