Турција испраќа три авиони со спасувачки тим и хуманитарна помош во Либија, соопшти денеска турското Министерство за надворешни работи, откако речиси 2.000 луѓе загинаа во поплавите во либискиот град Дерна.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на платформата Х (Твитер) напиша дека турскиот спасувачки тим брои 168 членови и дека Анкара испраќа две спасувачки возила и два спасувачки чамци.
Ердоган рече дека авионот ќе носи хуманитарна помош која се состои од стотици шатори, генератори, храна, средства за хигиена и облека, објави Ројтерс.
Припадници на Жандармеријата и Турската агенција за справување со катастрофи (АФАД) се меѓу спасителите, нагласи Ердоган.
Осама Хамад, премиерот на источната влада на Либија, поддржана од парламентот, изјави дека се стравува дека повеќе од 2.000 луѓе загинале во невремето и поплавите во источна Либија за време на викендот.
Хамад за телевизијата Ал Масар изјави дека илјадници се водат за исчезнати.
Силната бура „Даниел“ што ја зафати источна Либија донесе обилни дождови кои предизвикаа поплави и оштетија куќи и патишта.
Либиските власти прогласија вонредна состојба, ги затворија училиштата и продавниците и воведоа полициски час од недела.
Бурата „Даниел“ ги погоди либиските градови Бенгази, Сус, Ал Бајда, Ал Марџ и Дерна.
Четирите главни нафтени пристаништа во Либија се затворени од саботата навечер веќе три дена, изјавија за Ројтерс двајца нафтени инженери.
Стејт департментот објави дека САД координираат со партнерите во Обединетите нации и со либиските власти за начините за помош во форма на спасувачки и хуманитарни акции во Либија, пренесува Танјуг.