Во фоајето на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово, утре со почеток во 19.00 часот, ќе биде промовиран романот „Излегувањето од сенка“ од Дијана Петрова.
Промотор на романот ќе биде Иван Шопов а фрагменти од делото ќе читаат членови на Книжевниот клуб- Куманово.
Романот „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е интригантно четиво за некои од пресвртните моменти на македонскиот 19 век. Во приказната фактите и фикцијата се мешаат и создаваат нова, можна реалност од чија сенка излегува ликот на Митра Миладинова, жената на преродбеникот Димитар Миладинов и клучна фигура за формирањето на Ученољубие.
XIX век во Струга, Митра Миладинова и Султана Миладинова, поттикнати од понудената поддршка на рускиот славист Виктор Иванович Григорович, почнуваат дело, кое, како што се развива, станува сè подлабоко и посериозно.
Неколку жени перачки кои се сретнуваат на реката, првпат почнуваат да зборуваат за тоа каков би бил светот кога би им се дало глас на жените. Покрај реката почнуваат да учат да читаат и да пишуваат, стануваат учителки кои го шират почнатото таинствено дело низ сечиј дом и душа. Стануваат своевидни интелектуалки кои наоѓаат начин преку анонимно објавувани статии во весниците да допрат до светот. Против неправдата која неколку векови ги обвивала сите, почнуваат да зборуваат и да се борат со дело кое му пркоси на времето и на заборавот.
Живеењето и дејствувањето во сенка излегува на светлина кога се дознава за Тајното женско училиште – Ученољубие.
Дијана Петрова е родена на 8 април 1992 година во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Досега ги објавила романот „Бдеењето над себе“ и збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“. „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е нејзина трета објавена книга.
Интегрално соопштение