– Општина Куманово го објави конкурсот за избор на сувенир на градот, соопштија денеска надлежните од секторот за локален економски развој.
Заинтересираните правни и физички лица можат да аплицираат за изработка на сувенир.
Понудените сувенири треба да исполнуваат повеќе одлики и со автентичните трудови да придонесат кон креирањето на производ кој ќе го отсликува карактерот на градот, во насока на зголемена промоција.
Како што наведуваат од секторот за економски развој, општината на овој начин поддржува идеи и автентични трудови со цел да придонесат кон креирањето на производ кој ќе ги отсликува карактеристиките на градот, во насока на зголемена промоција.
Сувенирот мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот Куманово, да биде адаптиран за масовно производство и наменет за туристичка промоција на градот.
Треба да биде изработен од материјал, големина и боја според замислата на авторот, да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали како што се: керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил.
Рокот за доставување на понудите е 2 октомври 2023.
Наградата за „Сувенир на општина Куманово“ изнесува 100.000 денари без ДДВ, при што првиот дел од износот изнесува 30.000 денари и ќе биде наменет за добитникот за мотивација и вложен труд.
Вториот дел од наградата, добитникот на наградата во меѓусебен потпишан договор со Општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да достави одредена количина на сувенирот на општина Куманово во износ од 70.000 денари.
МИА