Карактеристичните куќи во бела и сина боја се белег на бајковитите грчки дестинации како Миконос и Санторини.
Самото гледање фотографии со архитектура во боите на грчкото знаме нè тера да сакаме да уживаме во прекрасните плажи и медитеранската кујна.
Но, дали знаете што симболизираат карактеристичните бои на ведрото небо и море?
Боите на куќите од грчките острови настанале од практични причини.
Каменот достапен на места како Миконос, Парос и Наксос имал еден недостаток – потемнувал, добивал земјена боја која го привлекувала сонцето и го правела животот во куќите неподнослив поради високите температури.
За да се оладат, Грците го обоиле каменот во бело, а откако тој метод се покажал успешен, станал дел од традицијата.
Во средината на 20 век, и болеста се вплеткала во архитектурата.
За да се спречи ширењето на колерата, грчките власти побарале обложување на куќите со вар, кој служи и како средство за дезинфекција.
Исто како и белата боја – сината има и свои „зошто и затоа“
Грчките рибари и морнари ги бојадисале вратите и прозорците со боја што останала од бојадисувањето на бродот, а сината била најдостапна поради неговиот состав.
Карактеристичната сина боја што се користи за бродови и куќи на грчките острови била направена од мешавина на варовник и средство за чистење „лулаки“, вид син талк кој бил лесно достапен дома за поголемиот дел од населението.
Затоа, било многу лесно да се направи сината боја за нив.
Убавите бои на куќите на грчките острови престанале да бидат само практични и пожелни, а станале задолжителни во текот на шеесетите години на минатиот век.
Актуелниот режим верувал дека препознатливите бои ќе го поттикнат патриотизмот и национализмот, а наскоро бил донесен закон со кој се наредувало бојадисување на куќите на грчките острови во сина и бела боја.
Иако денешните прописи се порелаксирани, боите на грчките острови привлекуваат туристи, па традицијата продолжила.
Талкајќи по островите, посетителите можат да најдат домови со оригинални камења во бојата на земјата или малку поинакви бои.
Сепак, сината и белата сè уште доминираат на грчките острови, по кои се познати низ целиот свет.