Мартин Стефановски, главен тренер на Д Стронгест од Куманово, се здоби со црн појас во бразилска џуи џица.
Црниот појас во оваа боречка вештина е круна на неговата тринаесетгодишна посветеност на бразилската џиу џица, а пред две години љубовта кон истата започна да ја пренесува на останатите откако одлучи да отвори свој приватен клуб.
– Најпривлечно во БЏЏ ми беше тоа што послаб и полесен противник може да совлада поголем и потежок противник од него, користејќи правилна техника и поставеност. Лично секогаш сум преферирал активности кои се засноваат на техника, а не се базирани на сила и експлозивност, вели Стефановски.
Патот до црниот појас, вели е испреплетен со многу откажувања и посветност кон оваа вештина.
– Патот до црниот појас е долг, тежок, полн со предизвици кои мора да ги совладате, но кога ќе стигнете до целта сфаќате дека сето тоа вреди. Самиот факт дека помалку од 1% луѓе кои почнуваат со БЏЏ успеваат да стигнат до црн појас укажува колку самата вештина е тешка и захтевна, раскажува овој кумановец.
Црниот појас, вели Стефановски, е обележје за целиот труд кој го вложувал низ годините. Патот, додава нема да застане тука, и ќе чекори кон нови предизвици.
Интересот за бразилска џиу џица во Куманово, расте континуирано, вели Стефановски, кој додава дека голема поддршка за секој настан организиран во државата им е Федерацијата.
– За сите оние кои сакаат да се занимаваат со БЏЏ, би им порачал да го направат најтешкиот чекор, а тоа е да почнат со тренинг. Се останато ќе си дојде само по себе, се додека се истрајни и имаат јасни цели кон кои се стремат, рече Стефановски.
Но, порачува дека оној што сака да биде добар во БЏЏ, мора првин да сфати дека тоа нема да се случи преку ноќ.
– Самото совладување на техниките и нивно увежбување си бара многу време и посветеност, така да најважно е менталниот склоп на вежбачот да е усмерен кон истрајност и да нема откажување додека не се постигне посакуваниот резултат, порача Стефановски.
Инаку членовите на Д Стронгест често учествуваат на различни турнири и редовно од истите си заминуваат со многу медали.
Никола Ивановски