Пјонгјанг продолжува да лансира балистички ракети и покрај резолуциите на Советот за безбедност на ОН, користејќи ги тензиите во односите на САД со Русија и Кина.
Истовремено, во Јужна Кореја, во страв од напредокот на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, има барања за развој на такво оружје, јавуваат светските медиуми, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во понеделникот ја засили својата ракетна закана кон САД, предупредувајќи дека Северна Кореја ќе одговори на воените маневри на САД и Јужна Кореја со свои „контрамерки“, посочува Тајмс.
Во саботата Северна Кореја истрела интерконтинентална балистичка ракета способна да стигне до територијата на САД, а рано во понеделникот уште две проектили паднаа во Јапонското Море.
Ким Јо Јонг, која понекогаш се однесува како портпаролка на нејзиниот брат, рече дека нуклеарните воени тестови што САД и Јужна Кореја треба да ги спроведат оваа недела ја загрозуваат стабилноста на Источна Азија.
„Фреквенцијата на користење на Пацификот како полигон за гаѓање зависи од активностите на американските сили“, рече Ким.
Новото лансирање ракета и предупредувањето од сестрата на Ким Џонг Ун дојдоа откако САД и Јужна Кореја спроведоа заеднички воздушни воени вежби, но и кога планираат да симулираат севернокорејски нуклеарен напад оваа недела, како и проширени вежби на теренот во март, според Wall Street Journal.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја минатата недела објави дека вежбите ќе користат реално сценарио засновано на лекциите научени од војната во Украина.
Северна Кореја, според соопштението од Сеул, во понеделникот истрелала две балистички ракети со краток дострел кои прелетале меѓу 250 и 350 километри и паднале во морето меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија.
Еден ден претходно, Вашингтон и Сеул организираа комбинирани воздушни вежби во кои учествуваа американски стратешки бомбардери Б-1Б и јужнокорејски ловци.
Севернокорејските државни медиуми ги обвинија вежбите за подигање на воените тензии.
Тие вежби, сепак, според Волстрит журнал, следеа по лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета Хвасонг-15 од Северна Кореја во саботата.
Севернокорејските медиуми објавија дека тестот ја покажал способноста на земјата да изврши нуклеарен контранапад.
„Хвасонг-15“ е една од трите интерконтинентални балистички ракети што ги има Северна Кореја, пишува американскиот весник, истакнувајќи дека сите три користат течно гориво и бараат подготовка пред лансирањето.
Пјонгјанг, сепак, работи на интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво, која може да биде лансирана побрзо.
Лансирањето на ICBM во саботата беше првиот ракетен тест на Северна Кореја по Нова година кога истрела балистичка ракета со краток дострел.
Како што пишува „Њујорк тајмс“, тоа беше прво тестирање на интерконтинентална балистичка ракета од 18 ноември, кога беше истрелан Хвасонг-17, најмоќната севернокорејска ракета со долг дострел.
Пјонгјанг лансираше балистичка ракета со краток дострел на Нова година, сигнализирајќи дека ќе продолжи да развива оружје оваа година.
Истиот ден, државните медиуми објавија дека Ким наредил „експоненцијално зголемување“ на нуклеарниот арсенал, барајќи од војската „масовно да произведува“ нуклеарни ракети со краток дострел насочени кон Јужна Кореја, која тој ја нарече „несомнен непријател“.
Јужна Кореја го осуди лансирањето на интерконтинентална балистичка ракета како „огромно кршење“ на резолуциите на Советот за безбедност на ОН со кои се забранува Пјонгјанг да тестира балистички ракети и нуклеарно оружје.
Сепак, истакнува Њујорк тајмс, Северна Кореја им пркоси на тие резолуции бидејќи растот на тензиите меѓу САД од една страна и Русија и Кина од друга страна, доведе до раскол во Советот за безбедност што го спречува воведувањето на нови санкции на ОН поради воени провокации.
Додека Северна Кореја ја продолжува својата ризична стратегија, Вашингтон и Сеул се договорија да ги прошират своите воени вежби оваа година.
По симулацијата оваа недела, делегатите од двете земји треба да ја посетат американската поморска база со нуклеарни подморници, бидејќи Вашингтон се обидува да ја увери Јужна Кореја во нејзината намера да ја брани со сите средства, вклучително и нуклеарно, според т.н. на продолжено одвраќање.
Пјонгјанг ги осудува ваквите вежби како проба за инвазија, а Министерството за надворешни работи на Северна Кореја во петокот предупреди дека заедничките вежби ќе го втурнат Корејскиот Полуостров во „сериозен вител на ескалација на тензиите“.
Од друга страна, лидерот на јужнокорејската владејачка партија укажа дека на земјата и е потребно нуклеарно оружје, бидејќи неодамнешните севернокорејски ракети покренаа прашања за посветеноста на САД за одбраната на Сеул, пишува Фајненшл тајмс.
Пратеникот и шеф на конзервативната Партија на народната моќ Чунг Џин-сук во понеделникот предупреди дека Јужна Кореја можеби ќе мора „сериозно да размисли“ за развој на сопствено нуклеарно оружје за да го одврати северниот сосед.
Јужна Кореја, според британскиот весник, е се позагрижена поради неумоливиот напредок на севернокорејската програма за нуклеарно оружје.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, исто така, ја покрена можноста Сеул самостојно да развива нуклеарно оружје како одговор на ескалацијата на провокациите на Северна Кореја.
Неговата изјава, според Фајненшл тајмс, е првпат по Студената војна, јужнокорејски претседател јавно да признае дека Сеул може да се здобие со сопствено нуклеарно оружје, иако подоцна појасни дека тоа не е активна политика.
САД силно се противат на Јужна Кореја да добие нуклеарно одвраќање, плашејќи се дека тоа може да предизвика регионална трка во вооружување што непоправливо ќе ги оштети глобалните напори за неширење.
Наместо тоа, Вашингтон се обидува да го увери Сеул во неговата посветеност на одбраната на Јужна Кореја и во последниве месеци САД распоредија борбени авиони и бомбардери способни да носат нуклеарно оружје на Корејскиот полуостров.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.