Пет фестивали неделава во Куманово, со музика за сечиј вкус (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Пет фестивали неделава ќе се одржат на Градскиот плоштад во Куманово во рамки на програмата од Кумановско културно лето.

Настаните се во организација на Фондацијата за култура и спорт и неколку невладини организации, а со финансиска поддршка на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.

 

 

Како што информираше денеска на прес конференција директорката на Фондацијата за култура и спорт, Сања Давидовиќ, фестивалските денови ги отвора фестивалот Епикум, а се затвораат со Тумбсток.

– Имаме една недела на различни фестивали, имаме музика за секого и за сечиј вкус, традиционални фестивали кои се во годишната програма на општината, поддржани од градоначалникот и Советот на Општина Куманово, изјави Давидовиќ.

 

 

Фестивалската недела утревечер ќе го отвори фестивалот Епикум, фестивал на албанска народна песна преработена во рок верзија.

– Продолжуваме трета година по ред со рок и хеви метал песни. Имаме настапувачи од Албанија, Косово и Македонија, ќе настапат со професионален бенд и имаме покането моторџии од сите држави кои ќе дојдат за овој концерт. Очекуваме голем број публика, исто така да си поминеме што е можно поубаво, изјави Бесим Мифтари, организатор на настанот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Алек Петкоски е ново засилување на МКК Куманово

 

 

На фестивалот ќе настапат DJ Miss Rose, Le 1 Kafexhiu, BB Poqi, Ерина Сеитлари, Филонид Алиу и Шпенд Љатифи.

Ден потоа, на 20ти август, ќе се одржи 22. издание на Меѓународниот тамбурашки фестивал.

– Први настапуваат и го отвораат фестивалот групата Табиет од Свети Николе, наши драги колеги и наши познати локални пејачи кои работеле и се уште работат со групата Табиет. Ќе настапи Виктор Димитриевски, што победи на „Никогаш не е доцна“, Боби Амадеус, Наум Петрески и јас мојата маленкост, изјави Нино Величковски, организатор на фестивалот.

 

 

На фестивалот ќе настапи и групата „Пљевља“ од Црна Гора заедно со солистката Нина Стругар, како и новосадскиот бенд „Ла Банда“.

Следните два вечери, петок и сабота, ќе бидат резервирани за традиционалниот „Рома Труба Фест“, кој годинава ќе опфати музичари од регионот, но и од Франција.

– Оваа година ќе имаме богата програма која што за прв пат ќе донесе оркестри кои не беа досега со нас. Првата вечер ќе имаме гости од Франција, кои втор пат ќе ни гостуваат, оркестарот „Louis Brandalous“ кои изразија желба да учествуваат на фестивалот, изјави Самет Салиевски од здружениот „Рушит Шакир“, организатор на фестивалот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Масовна акција за чистење на градските православни гробишта во Куманово викендов (ВИДЕО)

 

 

На првата фестивалска вечер од „Рома Труба Фест“ ќе настапат Оркестар „Кеми Асанов“ и Оркестар Кочани од Македонија, Оркестар Исидор Зечировиќ и Маријан Крстиќ од Србија, Панајот Кирилов од Бугарија, а специјален гостин ќе биде кумановецот Виктор Димитриевски.

Втората фестивалска вечер настапуваат Демир Кантуровски и Уска Кан Кантуровски Оркестар и Оркестар Бобан од Македонија, како и Екрем Мамутовиќ и Нови Надежи од Србија исто како и Оркестрот на Давид Антиќ.

Во недела, на 23 август, ќе се одржи фестивалот Тумбсток, во организација на Центарот за рурален развој „Бујрум“.

На овогодишното издание на „Тумбсток“ ќе настапат: David Black, La Mqrio, Kane & Lazae, Luce, Dimsa, Double G Mafia, Kriss, Zaff, TZ, Ziro, Togzi, Batec G, Dina Ducevska, Edno Dete, Dame, Yungkilla CV,  ѕвезда на вечерта ќе биде Тајзи.

– Разновидната програма е подготвена со цел да понуди динамична музичка вечер и содржина за различни генерации и вкусови, со посебен акцент на современата урбана музичка сцена, велат од организацијата.

Во понеделник, фестивалската недела ќе ја заврши фестивалот „Тумба фест“, кој годинава повторно ќе собере голем број имиња од фолк сцената.

– Оваа година имаме 16 нови композиции. Како и секоја година се трудиме од естрадата да го извлечеме најдоброто, така да оваа година како гости настапуваат Ленче Кукуќ, Сашко Каранфиловски, имаме гости од Србија како Маријан Драгиќ, Савршен дан, Матео Шваст од Германија, тука се Василија Петрова, Јованка Јо, Круме Спасовски кој ќе има интересна песна со неговиот пријател, нашиот актер Владо Дојчиновски, изјави Драган Митевски од здружението „Етно ризница“ кое го организира фестивалот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Масовна акција за чистење на градските православни гробишта во Куманово викендов (ВИДЕО)

 

 

Освен нив, на сцената ќе се појават и Боби Амадеус и Татјана Јовановска, Виктор Димитриевски, Борче Наумовски, Мишко Микеле Србиновски, Кире Науновски, Сашо Трајковски и Вукица Челебиева.

– Би сакал да ги поканам сите кумановци да бидат присутни на овие културни настани и да ја запознам јавноста дека Секторот за култура и спорт во рамки на својата програма сите овие манифестации ги има поддржано со апликациите кои се имаат пријавено организаторите на овие настани. Се разбира средствата никогаш не се доволни, но ќе се трудиме секоја наредна година да дадеме поголема поддршка за содржините на Кумановско културно лето, изјави Дејан Стојановски, раководител на секторот.

 

 

Сите настани ќе се одржуваат на Градскиот плоштад со почеток од 20 часот.

Никола Ивановски