Турскиот обвинител денеска побара од судот да го осуди и да му забрани на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, популарен ривал на претседателот Таип Ердоган, да учествува во политиката поради навреда на јавни функционери, но случајот беше одложен за декември.
На Имамоглу му се суди за говорот во 2019 година за локалните избори кои беа поништени таа година, во кои тој ги нарече „будали“ оние што решија да го сторат тоа.
Анкетите покажуваат дека Имамоглу ќе му биде сериозен ривал на Ердоган доколку се кандидира на изборите следната година. Опозицијата се уште не избрала претседателски кандидат.
Максималната казна е пет години затвор
Судот ја одложи постапката за да го разгледа барањето на неговиот адвокат за изземање на судијата.
Следното рочиште е закажано за 14 декември. Максималната казна за навреда на јавни функционери е пет години затвор.
Властите забранија протести околу судот, а полицијата ги затвори патиштата што водат до судот на азиската страна на Истанбул.
Повеќе од илјада поддржувачи на градоначалникот се собраа на плоштадот на околу два километри, носејќи ги знамињата на партијата на Имамоглу и извикуваа „нема да ве оставиме“.
Исходот од изборите во 2023 година може да зависи од тоа дали Републиканската народна партија (ЦХП) на Имамоглу и другите опозициски партии ќе ги здружат силите против Ердоган и неговата 20-годишна владејачка партија АК.