Регионот Киев, вклучувајќи го и самиот главен град на Украина, се соочува со дефицит од 30 отсто во капацитетот за производство на електрична енергија по руските напади врз енергетската инфраструктура во текот на ноќта, објави денеска регионалниот гувернер Олексеј Кулеба.
„Непријателот синоќа ги оштети објектите на енергетската инфраструктура на нашиот регион. Голем број објекти од клучно значење се оневозможени“, рече Кулеба во видеото на Телеграм.
Воената администрација на регионот Киев предупреди дека регионот на Киев мора да се подготви за „итни прекини на електрична енергија на неодреден период“ поради руските удари, пренесува Ројтерс, пренесува Танјуг.
Украинската државна компанија „Укренерго“ претходно денеска соопшти дека руските сили во текот на ноќта ја погодиле електродистрибутивната мрежа во централните региони на Украина и дека се можни дополнителни енергетски ограничувања.
Русија во последните неколку недели ги засили нападите врз клучната инфраструктура на Украина, вклучително и електричната мрежа, оставајќи неколку милиони луѓе без струја и греење.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.