Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вели дека на средба со претставници на јапонските власти во Токио го објаснила ставот на Србија и зошто не воведува санкции кон Русија поради инвазијата на Украина.
Брнабиќ изјави дека Србија не е неутрална и дека ја осудува агресијата врз Украина.
Таа додаде дека јапонските политичари не вршат притисок како европските, туку дека се заинтересирани да слушнат каков е ставот на Србија, пишува N1 Србија.
„Ние не сме неутрални по ова прашање, нашиот став е целосно јасен, се приклучивме на резолуциите на ОН и на декларациите на ЕУ, каде што ја осудивме агресијата врз Украина. Нашето Министерство за надворешни работи соопшти дека нема да ги признаеме резултатите од референдумот. Единствената разлика е што ние не сме и не сакаме да воведуваме санкции кон Русија, имаме добро објаснети причини за тоа“, изјави Брнабиќ за српските новинари во Токио.
Брнабиќ вели дека нејзината средба со јапонскиот премиер поминала добро и дека ќе ја искористи за градење политички и економски врски на Србија со Јапонија, пренесува N1 Србија.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.