Романското Министерство за национална одбрана објави дека два борбени авиони Ф-16 и еден воен хеликоптер биле распоредени утрово откако три беспилотни летала биле забележани во близина на украинскиот град Валкова, недалеку од границата со Романија.
„Во среда, 14 октомври, наутро, надзорниот радарски систем на Министерството за национална одбрана откри воздушни цели кои се движеле во близина на селото Валково, на територијата на Украина, во близина на границата со Романија“, се вели во соопштението на Министерството, како што објави порталот Digi24.
Поради можноста беспилотните летала да влезат во романскиот воздушен простор, властите издадоа RO-Alert во 6:39 часот наутро за жителите на северниот округ Тулча.
Откако радарскиот надзор потврди дека ниту едно од трите беспилотни летала не влегло во романскиот воздушен простор, предупредувањето беше укинато во 7:58 часот наутро.
Романските сили ја следеа ситуацијата за време на инцидентот и според достапните информации, не е регистрирано нарушување на романскиот воздушен простор.

