Најмалку еден американски војник е лесно ранет, додека тројца припадници на милицијата поддржана од Иран се убиени денеска во Сирија, во втор последователен ден од конфликтот, соопшти американската војска, пренесе Ројтерс.
Последната размена на оган покажува дека воените тензии растат, иако дипломатските напори меѓу Техеран и Западот се обидуваат да го обноват иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со големите сили, наведува британската агенција.
Новиот конфликт дојде еден ден откако американскиот претседател Џозеф Бајден одобри американски воени воздушни напади во Сирија, насочени кон складишта за муниција и други објекти што ги користат групите поврзани со Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Американската војска соопшти дека милициите поддржани од Иран извршиле два одделни напади врз нивните бази во Сирија во текот на ноќта.
Неколку ракети паднаа внатре во периметарот на локацијата Коноко во североисточна Сирија, а наскоро следеше и ракетен истрел во близина на местото Зелено село, се вели во соопштението.
Потоа следеше американски одговор од хеликоптер кој, според првичните проценки, уби двајца или тројца милитанти кои го извршија еден од нападите, се вели во соопштението.
Последните напади на осомничените милиции поддржани од Иран би можеле да бидат како одмазда за воздушните напади на Бајден во вторникот, пишува Ројтерс.
Воздушните напади извршени од американската војска во вторникот беа насочени кон групи поддржани од Иран во Деир ал-Зор, Сирија, се вели во соопштението на американската Централна команда.
Американската војска соопшти дека „нападот во источна Сирија бил одговор на нападите на групите поддржани од Иран врз американските сили во Сирија на 15 август“.
САД имаат околу 900 војници во Сирија, главно стационирани помеѓу базата Ат-Танф на југ и големите нафтени полиња на истокот од земјата.