Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска учествуваше на конференција на тема „Како до поефикасна заштита од корупција на локално ниво“, во организација на Центарот за граѓански комуникации-Скопје, во рамки на проектот „Заштита од корупција“ кој се спроведува со финансиска помош од Амбасадата на Kралството Холандија во Скопје.
На конференцијата се дискутираше за важноста на борбата против корупција во единиците на локалната самоуправа, што им недостига на Општините за
да ја засилат борбата против корупција, како и за улогата на локалната заедница во борбата против корупција.
Во своето излагање, градоначалникот Димитриевски потенцираше дека мора да се намали корупцијата, затоа што сите извештаи за земјава говорат дека Македонија е екстремно корумпирана држава.
„Треба да се намали корупцијата, сите извештаи за државата велат дека Македонија е екстремно корумпирана држава. Каде е врвот? Врвот е во политичките партии, во политичките субјекти, во лидершипите на централно и во лидершипите на локално ниво. Зошто? Тоа се структурите кои се главниот „бекграунд“ во покривање на корупцијата која може да биде индивидуална, која ја вршат поединци, но може да биде и организирана, која кај нас особено во некои политички субјекти кои се на власт повеќе од 20 години и те како е добро организирана и покриена. Ќе видите на телевизија, одговара еден, друг, трет, а од политичка партија никој никогаш не одговара“, рече Димитриевски.
Дел од конференцијата „Како до поефикасна заштита од корупција на локално ниво” беа и амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје Н.Е. Дирк Јан Коп, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, градоначалникот на општина Тетово Билал Касами, градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска и извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ.