Библиотеката „Тане Георгиевски” Куманово во текот на 2021 година го зголеми својот книжен фонд за 4.480 библиотечни единици и во моментов се обработуваат дел од набавените книги од последната набавка, соопштија денеска надлежните од јавната установа. Набавката е спроведена во три одделни набавки.
– Набавена е литература за деца и литература за возрасни на македонски, албански, англиски и српски јазик. За набавка на овие книги одвоени се средства од блок дотации, сопствени средства на библиотеката а дел се подарок од Министерството за култура. Библиотеката особено внимание обрнува на роднокрајните автори и во текот на 2021 година роднокрајниот оддел е збогатен за 24 наслови кои се од големо значење за библиотеката-изјави директорката на градинката, Христина Алексовска.
Во текот на 2021 година се запишани вкупно 3 636 члена од кои 1 765 во одделот за деца и 1 871 во одделот за возрасни.
– Во текот на оваа година продолжуваме со трендот на набавка на нови книги како и активности за популаризација на книгата, изјави Алексовска.
Околу 6 000 кумановци се редовни корисници и членови на библиотеката кои редовно зајмуваат книга. Дневно на двата оддели за возрасни и деца минуваат околу 250 читатели. Најголем број од читателите се средношколци и студенти кои користат лектири и стручна литература, но значителен е процентот на кумановци од различни генерации кои зајмуваат белетристика, други жанрови.
Со книжен фонд од над 220.000 примероци, кумановската библиотека е меѓу најдобро снабдените во земјава.
МИА