Шпанија би можела да достигне 100 милиони странски туристи во 2026 година и со тоа да ја престигне Франција како водечка дестинација во светот, проценуваат туристичките власти.
Претседателот на локалната туристичка асоцијација во Бенидорм, Феде Фустер, вели дека е оптимист.
– Ако продолжиме со ова темпо, наскоро ќе бидеме број еден – рече тој.
Земјата примила рекордни 97 милиони посетители минатата година, а само во април 2026 година биле забележани 9,1 милиони пристигнувања, што е за 5,2 отсто повеќе отколку во истиот месец од 2025 година, пишува Би-Би-Си.
Војната во Иран и затворањето на дестинациите на Блискиот Исток и Источниот Медитеран, како Турција и Египет, дополнително ги насочи туристите кон Шпанија.
Сепак, зголемувањето на цените на горивото може да го ограничи патувањето на Европејците, додека домашното незадоволство од „прекумерниот туризам“ расте.
Од 2016 година, градови како Барселона, Балеарските Острови и Канарските Острови одржуваат летни протести против прекумерниот број посетители.
Граѓаните се жалат на гужви, еколошки последици и зголемени кирии.
Активистите од Sindicat de Llogateres предупредуваат дека сопствениците на станови изнајмуваат станови по цени прилагодени на странските туристи, а не на локалните плати.
Премиерот Педро Санчез минатата година рече дека има премногу Airbnbs и премалку домови, а владата ја казни платформата со 65 милиони евра за рекламирање на нерегистрирани станови.
Барселона најави укинување на сите 10.000 дозволи за краткорочни станови до 2028 година и зголемување на туристичката такса.
Туристичката индустрија предупредува дека ваквите мерки може да ја загрозат конкурентноста и работните места, додека локалните активисти бараат уште порешителни потези.
– Ако го изгубиме чувството на добредојде, ќе изгубиме се – вели Фустер, нагласувајќи дека секторот мора да најде баланс меѓу економскиот раст и животот на граѓаните.

