СВР Куманово поднесе кривична пријава против К.Д. (50) од Штип, управител на „Сет Унион“ ДОО-Штип, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „повреда на право на работен однос“ и „фалсификување или уништување деловни книги“ и против ДТ „Сет Унион“ ДОО-Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „повреда на право на работен однос“ во врска со продолжено кривично дело и „фалсификување или уништување деловни книги“.
Лицето К.Д. во периодот од февруари до мај 2015 година, донел незаконска одлука за распоредување на работникот А.Д. (32) од Куманово, а потоа и откажување на договорот за вработување без да спроведе дисциплинска постапка против неа.
Притоа со свој потпис и печат изготвил решение за престанок на работен однос во кое внел невистинити податоци за откажување од договорот за вработување, по што го завел со интерен број, а не во деловодната книга од друштвото.
Таквата деловна исправа ја употребил како вистинита во Агенцијата за вработување на Р Македонија.