Со положување свежо цвеќе денеска на Спомен Костурница во Куманово, беше одбележан Денот на востанието „11 Октомври“ во присуство на локалната самоуправа, претставници на Владата, Претседателот, Собранието на Република Македонија, политички партии, граѓански организации.
Пред споменикот свое обраќање имаше градоначникот на Општина Куманово Максим Димитриевски кој истакна дека овој ден со црвени букви е запишан во кумановската и македонската историја.
– Историјата е таа што ни дава основа да постоиме, сегашноста е подготовка за иднината, а иднината треба да биде подобра од минатото. Изгледа оваа лекција никако да ја научиме, бидејќи сегашноста требаше да биде подобра од минатото, а не да се плашиме дека иднината ќе ни донесе реприза на претходно видено минато, рече Димитриевски.
Свеченоста беше збогатена и со литературно читање на средношколци од Куманово, а лошото време не ги спречи граѓаните да дојдат и да им положат свежо цвеќе на оние кои се бореле за слободна Македонија.
текст/фото: Никола Ивановски