Во Индија, бракот е многу почитуван и се смета за света врска, додека разводот се смета за голем неуспех. Сепак, жител на индиската држава Мадја Прадеш се решил на тој чекор, а причината е во тоа што неговата сопруга се плашела од лебарки, поради што во последните три години се преселиле дури 18 пати.
Двојката се венчала во 2017 година, а следната година, сопругот за прв пат се сретнал со фобијата на неговата сопруга. Таа тогаш, откако ја видела лебарката, истрчала од кујната и наводно никогаш повеќе не сакала да стапне во неа.
По тој повод, според нејзиниот сопруг, врескала толку силно што ги исплашила сите членови на семејството.
После тој инцидент, таа упорно ги замолувала да се преселат во нова куќа, по кој инсистирала секогаш кога ќе дошла во контакт со бубачката.
– За прв пат се преселивме во 2018 година, но за жал тоа не беше крајот. Поради истиот проблем, сменивме 18 куќи – локалните медиуми ја пренесоа изјавата на сопругот, чие име не беше објавено.
Тој изјавил дека ја однел сопругата кај многу психијатри, но таа одбила да ја пие препишаната терапија.
Од друга страна, сопругата тврди дека сопругот не го разбира нејзиниот проблем и дека тој се обидува да ја прогласи за ментално болна.
Сопругот изјавил дека е уморен од постојаните преселувања и непријатни ситуации што ги создавала неговата сопруга, па решил да побара правна помош и да поднесе барање за развод.
Патем, според Обединетите нации, од 1.000 бракови во Индија, само 13 завршуваат со развод.