Со пресврт во втората четвртина и одлична игра во завршницата од натпреварот кога се решаваше победникот, Куманово го совлада МЗТ Скопје со 99-90, нанесувајќи му го петтиот пораз сезонава на актуелниот шампион.
Долгоочекуваниот натпревар на КК Куманово ја преполни градската спортска сала, а не изостана ниту огромната поддршка на ”Кумани”.
Кумановци по овој триумф, остануваат во добра позиција за посакуваниот пласман во плејофот.
[huge_it_gallery id=”11″]
Тројката на Александар Костоски на почетокот на третата четвртина донесе и највисоки 12 поени разлика за Куманово, но Синовец и Симоновски почнаа серија за МЗТ, се придодадоа и Шеховиќ и Самарџиски и на две минути до крајот на периодот резултатот повторно беше изедначен (67-67). Во решавачката последна четвртина, Марјан Јанески рано постигна две тројки и го искачи Куманово на 5 поени предност, а токму по украдена топка на Јанески и Луковиќ ја заврши акцијата на Куманово со забивање за предност од 87-69.
Немаше сили МЗТ за уште еден пресврт до крајот, а по тројката на Костоски во последната минута, стана јасно дека домаќинот ќе стигне до победата. Костоски и Нинковиќ со поени од линијата за слободни фрлања ги поставија конечните 99-90.
Урош Луковиќ со 20 поени, 7 скокови и 4 блокади беше најефикасен кај Куманово, каде меѓу најдобрите беа и Костоски со 18 поени, 7 скокови и 7 асистенции, Јанески со 18 поени, Караџовски со 15 поени и 6 скокови, како и Мандиќ кој додаде 12 поени. Кај МЗТ Скопје, Александар Чапин постигна 22 поени меѓу кои 6 тројки, а додаде и 8 асистенции, додека особено впечатлив натпревар одиграа и Самарџиски со 21 поен и 8 скокови, како и Синовец кој на 18-те поени додаде 5 скокови.
МЗТ и покрај поразот останува првопласиран, но сега со само два бодови повеќе од Фени Индустри, односно три од Работнички кој има и натпревар помалку. Куманово со победата се задржува на делба на четвртата позиција на табелата со тимот на Карпош Соколи.