Кошаркарите на Куманово утревечер ќе се борат за трофејот против МЗТ Скопје Аеродром во финалето од Суперкупот на Македонија.
Како минатогодишни финалисти од Купот на Македонија, избраниците на Марин Докузовски ќе се натпреваруваат против двојниот шампион од минатата сезона.

Воедно мечот ќе одбележи и 80 години кошаркарска игра во градот Куманово, а играчите и тренерот Докузовски очекуваат фер борба, спектакл и голема поддршка од трибините.
– Нема поубава проба пред почетокот на првенството. Дополнително се слави и 80 години од кошарката во Куманово. Очекувам спектакл, да биде полна салата, ние сме спремни да дадеме се од себе, па подобриот нека победи. Од ден на ден ќе ги корегираме недостатоците, нормално е, почеток на сезона е се уште не сме воиграни како што треба, очекувам од натпревар во натпревар да играме се подобро, затоа што навистина добро тренираме, но сепак 20 и нешто дена тренираме, не е доволно за топ форма, но имаме добар ростер, борбени играчи, очекувам да играме максимално агресивно во одбрана и публиката во Куманово да биде задоволна од нашето претставување, изјави Докузовски.
Репрезентативното крило на Куманово, Стојан Ѓуроски, вели дека очекува тежок натпревар, но и голема поддршка од публиката.
– Очекувам тежок натпревар, како што и секое финале покажало дека енергијата ќе биде пресуден фактор за победа на тој натпревар. Очекувам полна сала, очекувам поддршка од Кумани, од цело Куманово, да го прославиме овој јубилеј на кошарката во Куманово и се надевам дека со победа ќе го завршиме овој натпревар и заедно ќе прославиме, изјави Ѓуроски.
Српскиот интернационалец Андреја Стевановиќ очекува тежок меч, а за МЗТ вели дека секогаш е незгоден противник.
– Не очекува еден тежок натпревар, сите знаеме дека МЗТ е секогаш незгоден противник. И ние имавме доста промени во екипата, скоро целосно нова екипа. Единствено што знам е дека салата ќе биде полна, дека навивачите и фановите на клубот ќе ни бидат шестиот играч, ќе дадеме максимум, а резултатот ќе покаже кој ќе биде подобар, изјави Стевановиќ.
На вчерашниот претпоследен тренинг се усовршуваа последните подготовки пред мечот, а навивачката група Кумани ги поздрави играчите од трибините и им посака успех.
Куп финалето утре започнува од 18 часот, а билети може да се купат во Агора тобако во ТЦ Гарнизон или онлајн на платформата МКтикетс.
























Никола Ивановски

