Во Индија најмалку 23 лица ги загубија животите во поплави и лизгање на земјиштето, а повеќе од 65.000 луѓе се раселени од своите домови, соопштија денеска властите.
Најпогодена е североисточната држава Трипура, каде континуираните обилни врнежи четири дена предизвикаа разорни поплави, објави Ројтерс.
На ТВ снимката се гледа како припадници на армијата помагаат во спасувањето на загрозеното население.
Локален претставник изјави дека од утринава повеќето реки се под критичното ниво бидејќи врнежите се намалени.
Тој додаде дека главната река Гомти, која исто така тече низ соседен Бангладеш, сепак го надминува критичното ниво.
Раселените се сместени во 450 кампови, а загрозени се околу 1,7 милиони луѓе. Нанесени се големи штети на инфраструктурата, посевите и добитокот.
Најголем број жртви беа предизвикани од лизгање на земјиштето, иако голем број луѓе ги загубија животите кога се урнаа куќички од кал, а некои се удавија, изјави неименуван локален функционер.
Реката Гомти се излеа и во Бангладеш, каде беа поплавени 15 села, а стотици семејства беа раселени.