Екипата на ЖРК Куманово на гостински терен ја оствари петтата победа во рамките на новатата сезона од женската супер лига и ја оправда улогата на фаворит на гостувањето во Прилеп.
Прилепчанки успеаја да одржат резултатска рамнотежа само во првите дваесетина минути од натпреварот каде што резултатот изнесуваше 6:6. Меѓутоа потоа на сцена стапи одличната игра во одбраната и нападот на ЖРК Куманово и на полувреме се замина со резултат од 9:14.
Второто полувреме беше само рутина за нашиот тим кој што повторно доминираше во сите делови од играта. Максимумот на ЖРК Прилеп што го оствари во второто полувреме беше доближување на четири гола разлика (14:18 и 15:19). Натпреварот заврши со резултат 21:27.
Најдобар стрелец на ЖРК Куманово повторно беше Викторија Пеовска и на овој натпревар со дадени 10 гола. Голем придонес во нашиот тим дадоа и останатите ракометарки: Мила 5 гола, Александра 4 гола, Елена 3 гола. На листата на стрелци со по еден гол се запишаа и: Маја, Бранкица, Тамара и Јована.
-
Среќна сум што успеавме да го победиме ЖРК Прилеп. Пред секој натпревар се трудам да бидам фокусирана на задачите што сме ги договориле во пресрет на натпреварот и секогаш настојувам на денот на мечот да сум позитивна и смирена. Само со бистра глава и позитивна мисла може да се оствари посакуваната цел. И секој натпревар треба да се игра како да е најважен, бидејќи само така можеш да го дадеш максимумот. – изјави ракометарката на ЖРК Куманово Маја Ивановска.
Следните натпревари женскиот ракометен тим од Куманово ги игра на домашен терен против лидерот во првенството екипата на ЖРК Металург од Скопје и екипата на ЖРК Пелистер од Битола.