Со резултат 27:23 ракометарките на Куманово го совладаа составот на Славија Прага од Чешка во рамките на првото коло од ЕХФ Купот.
Со оваа победа избраничките на тренерот Симе Симевски си го отворија патот кон нов историски успех по освојувањето на домашниот куп минатата година. Доколку и денеска победат ќе одат во второто коло од европското натпреварување.
Ракометарките на Славија Прага го отворија натпреварот со 2:0, но по израмнувањето од 5:5 кумановки го презедоа водството, за да до крајот на првиот дел од средбата направат солидна разлика со резултат 15:11.
Второто полувреме гостинскиот состав се трудеше да им парира на домашните ракометарки. Падот на играта на Куманово во последните минути од натпреварот беше искористен од Славија Прага за топење на разликата, но по само еден тајм аут кумановки се вратија во форма и заслужено се радуваа на првата победа во ЕХФ Купот.
Најдобра во составот на ЖРК Куманово беше Грузијката Мадеа Чокели која успеа да реализира 10 погодоци, со еден гол зад неа е Јанкуловска, додека кај составот од Чешка, седум погодоци забележа Мисова.
Реваншот се игра денеска до 18:30 повторно во Спортска сала Куманово, а доколку кумановки успеат да победат ќе се пласираат во второто коло од елитното европско натпреварување.