Куманово ќе донира вода за Гостивар поради епидемијата и кризата со водоснабдувањето

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово ќе обезбеди финансиска помош и вода за пиење за Гостивар, кој деновиве се соочува со сериозна здравствена и комунална криза поради епидемијата на акутен гастроентеритис и забраната за користење на водата од градскиот водовод.

Одлуката е донесена на седницата на Општинскиот штаб за заштита и спасување, при што од општинскиот буџет се издвоени 242.000 денари за набавка на вода за пиење, а ќе биде обезбедена и испорака на вода со цистерна на Територијалната противпожарна единица Куманово.

„Како дел од овој Кризен штаб беше донесена и одлука, бидејќи од ЗЕЛС пристигна барање до сите општини, вклучувајќи ја и Општина Куманово, да помогнат во рамките на своите можности за обезбедување вода за пиење за Гостивар. Донесовме одлука за помош, а издвоени се 242.000 денари за набавка на вода за пиење“, изјави секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Делови од Куманово без струја над 18 часа, селата веќе два дена

Гостивар веќе неколку дена се соочува со сериозна здравствена криза.

По наглото зголемување на бројот на пациенти со симптоми како дијареја, повраќање, стомачни болки и покачена температура, Центарот за јавно здравје прогласи епидемија на акутен гастроентеритис.

Според последните официјални информации, повеќе од 1.200 лица побарале лекарска помош, а здравствените власти и понатаму апелираат граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна додека не завршат сите анализи.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство спроведува истрага за причините за загадувањето на водата, а институциите продолжуваат со земање и анализа на мостри од водоводниот систем.

Граѓаните во Гостивар во моментов се снабдуваат со вода преку цистерни и флаширана вода, а повеќе општини низ државата веќе најавија помош за надминување на кризата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кризниот штаб во Куманово останува во готовност, над 100 пријави од граѓаните

Никола Ивановски