Британскиот премиер ги обвини демонстрантите дека ја искористиле тагата на заедницата на Саутпорт и дека ќе ја почувствуваат целосната сила на законот.
Два дена по тешкото злосторство во Саутпорт, во тој англиски град избувнаа големи немири и судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Во немирите, само неколку часа откако беше одржано бдеење за жртвите од нападот во детската танцова школа, во кој беа убиени три девојчиња, а беа повредени уште неколку деца и возрасни, повредени се 39 полицајци, од кои некои потешко, со скршени коски и потрес на мозокот.
Повредени се и три полициски кучиња.
Полицијата верува дека немирите биле поттикнати од приврзаниците на десничарската и исламофобична англиска одбранбена лига и почнале на само неколку улици подалеку од местото на бдеењето во средата, во близина на џамијата во Саутпорт.
Немирите почнаа кога стотици луѓе се собраа во близина на локалната џамија, фрлајќи врз неа тули, камења, факели и шишиња, а многумина со качулки на главите и шалови на лицата.
Во болница се пренесени вкупно 27 полицајци, а на 12 им била укажана лекарска помош, информираат од итната помош.
17-годишник е осомничен за злосторство во детска танцова школа именувана по американската поп ѕвезда Тејлор Свифт, кој е уапсен и обвинет за повеќекратно убиство и обид за убиство.
Од полицијата велат дека за 17-годишникот имало различни гласини и дека поединци тоа го користеле за предизвикување нереди.
Во областа е воведен специјален 24-часовен режим, со кој на полицајците им се дава овластување да запираат и претресуваат поединци на улица.
Ќе има и засилено полициско присуство.
Помошникот на полицискиот началник Алекс Гос рече дека е „гадно“ што ова се случува во заедницата што е потресена од криминал.
Тој, исто така, рече дека полициските сили се соочиле со „сериозно насилство“ и додаде дека „многу луѓе кои не живеат во оваа област“ учествувале во немирите.
„Не можам да верувам дека ова се случува во Саутпорт“, извика млада жена во автомобил со нејзината ќерка, гледајќи како се судираат демонстрантите и полицијата.
Британскиот премиер Кир Стармер на социјалната мрежа Х рече дека оние кои „поттикнувале насилство и ги искористиле бдеењето за жртвите и ја навредуваат заедницата ќе ја почувствуваат целосната сила на законот“.
Полицијата во Мерсисајд, северозападниот регион на Англија, рече дека оние кои стојат зад насилството биле поттикнати од објавите на социјалните мрежи кои лажно сугерираат дека има исламистичка врска со нападот во понеделникот.
Министерката за внатрешни работи Ивет Купер претходно предупреди на дезинформации за нападот и повтори дека „осомничениот нема познати врски со исламот“.
Таа додаде дека е „ужасно“ што полицајците во Саутпорт се соочуваат со напади од „насилници на улиците кои немаат почит кон ужалената заедница“.