Главниот инспектор за затвори на Обединетото Кралство, Чарли Тејлор, изјави дека употребата на беспилотни летала за шверц на дрога и оружје во британските затвори треба итно да се реши бидејќи стана закана за националната безбедност.
Тејлор додаде дека полицијата и затворската служба ефикасно го „отстапиле воздушниот простор“ околу затворот Манчестер и затворот Лонг Лартин на организираните криминални групи кои користат дронови за доставување „роба“ на затворениците, објави Скај њуз.
Во овие затвори со висока безбедност се сместени некои од најопасните луѓе во Британија, вклучувајќи ги терористите и босовите на организираниот криминал.
Предупредувањето на Тејлор уследи по инспекцијата на затворот Манчестер и затворот Лонг Лартин во Ворчестершир, при што беше откриено дека во двата затвора се организира „просперитетна илегална економија“ на дрога, мобилни телефони и оружје.
Инспекторите откриле и дека основните безбедносни мерки, како што се заштитната мрежа и системот за видео надзор, биле застарени.
Некои затвореници во Манчестер, затвор од категорија Б во кој се сместени мал број затвореници од категорија А, пробушиле дупки на нивните прозорци за да можат да примаат „роба“ испорачана со дронови, соопшти Инспекторатот.
Околу половина од затворениците во Лонг Лартин рекле дека е лесно да се дојде до дрога и алкохол во затворот, пренесува Танјуг.