Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска по повод Денот на Службата за безбедност на Украина (СБУ) изјави дека за време на војната специјалната служба станала еден од главните елементи на одбранбените и безбедносните сили.
„Денот на Службата за безбедност на Украина е ден на силни луѓе чии резултати се меѓу најважните за Украина.
„За време на војната, СБУ стана борбена разузнавачка служба, еден од главните елементи на одбранбените и безбедносните сили, која ја штити државата од внатрешни закани и обезбедува важни резултати на фронтот и зад непријателските линии“, рече Зеленски.
Како што објави Укринформ, од почетокот на војната во целосен обем, Службата за безбедност на Украина открила 102 руски шпионски мрежи, отворила повеќе од 8,7 илјади кривични случаи против соработници и повеќе од 600 – за пренос на податоци за вооружените сили на Украина на руска страна.
На денешен ден, во 1992 година, Врховната Рада го усвои законот „За службата за безбедност на Украина“ и 25 март е означен како официјален датум на создавање на украинските специјални служби, пренесува Танјуг.