Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека Русија започна нова пролетна офанзива, обидувајќи се да ја пробие украинската одбрана во регионите Харков и Суми, додека истовремено продолжува притисокот на истокот на земјата.
„Денес повеќе од 67.000 руски војници се стационирани во правец на Курск. Тие го завршија трансферот на силите за напад на правецот Суми“, рече Зеленски, предупредувајќи дека офанзивата од регионот на Белгород веќе е во тек, со секојдневни обиди за пробивање, пренесоа украинските медиуми, пренесува Танјуг.
„Русите не ги променија своите цели“
Според Зеленски, украинските вооружени сили досега успеале да го спречат рускиот напредок кон регионите Харков и Суми, и дека Русија продолжува да трпи големи загуби.
Зеленски нагласи дека Русија не ги променила своите цели – заземање територии во Суми, Харков и Запорожје, како и пристап до границите на регионите Доњецк и Луганск, што, како што вели, останува дел од првичниот план на Москва од почетокот на војната.
Претседателот на Украина потсети дека Русија остварила најголеми тактички придобивки во ноември 2024 година, но тогаш имало големи загуби и забавување на офанзивата.
И врховниот командант на украинската армија Александар Сирски потврди дека руската пролетна офанзива започнала.