Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „не направил ништо лошо“ и дека не му должи извинување на американскиот претседател Доналд Трамп по тензичната средба во Овалната соба во петокот, на која присуствуваше и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
На прашањето дали му должи извинување на Трамп, Зеленски во интервју за Фокс њуз рече: „Не“, додавајќи дека ги почитува претседателот и американскиот народ.
„Мислам дека треба да бидеме многу отворени и многу искрени и не сум сигурен дека направивме нешто погрешно“, рече Зеленски.
Запрашан дали се согласува со оценката на сенаторот Крис Марфи дека средбата во Овалната соба со Трамп и Венс била „планирана заседа“ да му се помогне на рускиот претседател Владимир Путин и да се „наштети на американската безбедност“, Зеленски рече дека тоа е „навистина тешка ситуација“.
„Не знам. Мислам дека не. Мислам, мислам дека тоа беше навистина тешка ситуација, бидејќи бевме многу отворени, многу директни“, истакна украинскиот претседател.
Зеленски, исто така, истакна дека не „сака да ги изгуби нашите големи партнери“ во САД.
Запрашан дали жали за средбата, Зеленски рече: „Да, мислам дека не беше добро“.
Зеленски му се заблагодари на Конгресот за неговата двопартиска поддршка за помошта за Украина, а на прашањето на домаќинот дали верува дека покажал непочитување кон САД, тој одговори дека Украинците се „многу благодарни“ на Американците, како и на Трамп и Конгресот.
„Многу сум им благодарен на Американците за сета ваша поддршка. Направивте многу. Благодарен сум на претседателот Трамп и Конгресот. Многу ни помогнавте. Уште од самиот почеток, во текот на три години целосна инвазија, ни помогнавте да преживееме. На крајот на краиштата, ние сме стратешки партнери, па дури и во таков тежок дијалог, верувам дека мораме да бидеме многу искрени и многу директни за да го разбереме ова.
Тој додаде дека се однесува кон Трамп со „сета почит“ и дека сака да стави крај на руско-украинската војна.
„Никој не сака да ја заврши војната повеќе од нас, бидејќи ние сме во Украина, ние сме во оваа војна, ние сме во оваа битка“, нагласи украинскиот лидер.
Тој нагласи дека Украина е подготвена да потпише договор со САД за украинските минерали и дека тоа ќе биде првиот чекор кон безбедносните гаранции, но додаде дека тоа не е доволно и дека сака да ги сподели овие размислувања со Трамп за време на средбата.
Американскиот сенатор Линдзи Греам рече дека Зеленски треба да го искористи своето интервју за Фокс њуз за да му се извини на Трамп и му предложи на украинскиот претседател да поднесе оставка или да го прилагоди својот пристап.
Посетата на Зеленски на Белата куќа беше прекината откако тој влезе во жестока размена со Трамп и американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, кои го обвинија за „непочитување“ за време на состанокот во Овалната соба.
После тоа, украинскиот лидер ја напушти Белата куќа без коментар, а Трамп на платформата Truth Social напиша дека Зеленски не е подготвен за мирно решавање на украинскиот конфликт и дека покажал непочитување кон САД.
Американскиот лидер исто така истакна дека Зеленски би можел да се врати кога ќе биде подготвен за мир.