Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Хелсинки изјави дека планира да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп подоцна во текот на денот.
Зеленски по разговорите со финскиот претседател Александар Стуб рече дека очекува од Трамп да слушне детали од неговиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин во вторник, објави финскиот јавен радиодифузер Иле.
Зеленски истакна дека Украина е подготвена да испрати делегација во САД за да разговара за прекин на огнот, наведувајќи дека војната не може да заврши без учество на Украина во преговорите.
Украинскиот претседател се заблагодари на Финска за воената и хуманитарната поддршка на Украина.
Тој рече дека се надева оти на крајот ќе дојде до прекин на огнот и повтори дека Украина нема намера да ги прифати „територијалните претензии на Русија“.
Зеленски ја истакна важноста на поддршката на меѓународната заедница за Украина.
Тој рече дека Русија продолжува да ја бомбардира Украина, иако Путин разговарал со Трамп за можен прекин на огнот.
Зеленски напомена дека соработката на Украина со финските производители на оружје е можна.
Покрај тоа, украинскиот претседател ја повтори аспирацијата на Украина за влез во НАТО и ЕУ, пренесува Танјуг.