Заврши акцијата на МВР: Девет лица уапсени, а по 27 терористи уште се трага (видео)

Сподели со своите пријатели

Заврши Оперативната акција на МВР – „Ќелија“ во која изутринава паднаа 9 терористи соработници на ИСИЛ, а по 27 од нив се уште се трага и се претпоставува дека се на боиштата на Блискиот Исток.

Loading...

Врз основа на наредба од Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Министерството во периодот од Септември 2014 година до Јули 2015 година, работело на прибирање на материјални докази за македонски државјани кои активно учествувале во организирање и подготвување на лица за учество во паравоени формации надвор од територијата на Р.Македонија.

За истите се собираа докази и заради обезбедување и собирање финансиски и материјални средства за лицата кои учествуваат во паравоените формации, но и врбување и поттикнување лица да се приклучат кон паравоените формации, преку социјалните мрежи или друг вид на комуникација. Исто така беа собирани докази и за сокривале лица кои учествуваат во паравоени формации надвор од територијата на Р.Македонија или пак освариле обид за тоа.

Врз основа на повеќемесечната истрага и обезбедени материјални докази, заради превземање на координирани мерки и активности и дополнително обезбедување на материјални докази и кривично правно санкционирање на инволвираните лица, врз основа на претходно изготвен план за реализација, утринава во 03,30 часот отпочна антитерористичката акција на терен. По добиените наредби од Судија на претходна постапка, извршени се вкупно 28 претреси од кои 21 претреси на дом и други простории во Скопје, 4 во Гостивар и по еден во Тетово, Куманово и Струга, кај вкупно 24 физички лица и 4 објекти. Меѓу четирите објекти беше „Фастнет“ – интернет кафе во Скопје, придружните објекти на Тутунсуз џамија, како и просториите на невладините организации „Искра на милоста“ и „Исламска младина-Сарај“.

За време на акцијата 9 лица се обезбедени, а по уште 27 кои се опфатени со истрагата се трага. Според оперативните сознанија со кои располага министерството, 20-тина сеуште се наоѓаат на боиштата главно во Сирија.

При преземените мерки и активности во однос на извршените претреси, со потврда за одземени предмети, одземени се: 38 десктоп компјутери, 18 Лап топ компјутери, 18 Таблети, 119 мобилни телефони, 77 СИМ картички, 65 држачи за СИМ картички, 6 Хард дискови, 45 УСБ стикови, 35 мемориски картички, еден Пиштол, Тактички елек со опасач и футрола, парични средства (2870 евра и 900 долари), 3 патни исправи, 114 ЦД-а, Потврди за Western Union, 2 боксирачи, 3 Камери, 3 Фотоапарати, МП3 плеер и два диктафони.

Одземените предмети ќе бидат предадени на Одделот за крим-техника за нивна натамошна обработка и вештачење заради пронаоѓање на дополнителни докази поврзани со стореното кривично дело. По завршување на вештачењето, ќе биде поднесен и соодветен извештај до Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Според досега обезбедените докази до Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против 36 лица од Скопје, Гостивар, Тетово, Куманово и Струга, на возраст од 19 до 49 години, за сторени кривични дела „Учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски формации“ предвидено и казниво по член 322-а од Кривичниот законик на Р.Македонија.

Loading...

МВР во координација со надлежниот Јавен Обвинител ќе продолжи да превзема мерки и активности со цел откривање на други инволвирани лица заради целосно расветлување на случајот.