Притвореникот кој завчера се обиде да си го одземе животот со самозапалување во битолскиот затвор е член на групата ”Калабрија” од Куманово, поточно од с. Романовце, јавува Дневник.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до надлежното ОЈО на 13 март 2014 година, поднесе кривична пријава против 13 физички лица, меѓу кои и за Ферат Алии, притвореник кој заедно со останите лица се товарат дека во периодот од 2004 до 2014 година, се стекнале со голема материјална и имотна корист вршејќи кривични дела од областа на насилниот криминал-изнуди и лихварство, како и преку недозволена трговија со дрога од Македонија во Швајцарија и пуштање во оптек на нелегално стекнатите парични средства преку сопствени сметки и сметки на правните лица во нивно владение.
Ферат Алии (44) за кого се води истрага, на денот на несреќата се наоѓал во притворско одделение при КПУ Затвор Битола од полуотворен тип, каде сè уште ја чека пресудата за обвиненијата поднесени против него и останатите членови, и според информациите, по обидот да се самозапали со полевање со колонска вода, не се наоѓа во животна опасност иако претрпел изгореници на над 50 насто од телото.