Како што се загрева летната туристичка сезона, редиците и гужвите на аеродромите растат поради примената на Европскиот систем за влез/излез (EES).
Се проценува дека системот ќе се имплементира непречено дури за две години, а според нова студија нарачана од Светскиот совет за патување и туризам (WTTC), доцнењата на границите поради воведувањето на системот би можеле да загрозат дури 41 милион пристигнувања на посетители и 45,4 милијарди американски долари туристички трошоци низ Шенген зоната.
Студијата презентирана во Мадрид се базира на анкета на повеќе од 2.500 патници од Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Канада и Австралија.
Истражувањето го анализираше можното влијание на новиот Европски систем за влез и излез (EES) во случај патниците редовно да се соочуваат со чекање од три до четири часа на границата при влегување во Шенген зоната.
Резултатите покажуваат дека околу една третина од патниците би биле значително помалку склони да ги посетуваат дестинациите од Шенген или би се откажале од патувањето целосно доколку долгите редици на границите станат редовен дел од патничкото искуство.
Новиот EES требаше да ги модернизира граничните контроли и да ја подобри безбедноста, но дури и неколку месеци по неговото воведување, патниците се соочуваат со хаос, одложувања и двосмислености при преминување на границата.
Фронтекс, агенцијата задолжена за помагање во управувањето со надворешните граници на Европската Унија, призна дека собирањето биометриски податоци е една од главните причини за почетните тешкотии во имплементацијата на новиот систем.
На настан во Лондон, Уку Сарекано, заменик-извршен директор на Фронтекс, рече дека земањето отпечатоци од прсти на патниците кои не се членки на ЕУ при нивниот прв влез во Шенген зоната е најсложениот дел од имплементацијата на системот.
Тој додаде дека се очекува ситуацијата да се стабилизира за една или две години, бидејќи најпредизвикувачкиот дел е првичната регистрација на корисниците.
Од средината на април оваа година, EES требаше да биде целосно оперативен на сите гранични премини на Шенген зоната, но на многу популарни туристички дестинации, како што се Шпанија, Португалија и Франција, беа евидентирани долги редици и часови чекање.
„Воведувањето на EES е важен чекор напред во модернизацијата на европските граници и зајакнувањето на безбедноста. Нашето истражување јасно покажува дека патниците ги поддржуваат дигиталните и биометриските гранични системи и ги разбираат долгорочните придобивки што тие можат да ги донесат. Како и со секоја голема трансформација, почетните предизвици се неизбежни. Прашањето повеќе не е дали треба да се воведе EES, туку како владите, граничните служби и туристичкиот сектор ќе соработуваат за да ја направат неговата имплементација поедноставна и поефикасна. Добрата вест е дека веќе постојат решенија. Регистрацијата, подобрата комуникација со патниците и обезбедувањето оперативна подготвеност на граничните премини, Европа може да ги намали проблемите и да го обезбеди беспрекорното искуство што го очекуваат патниците“, вели Глорија Гевара, претседател и извршен директор на WTTC.

