Русија е категорично против распоредувањето на западните мировни сили во Украина бидејќи смета дека Велика Британија и Франција ги кријат своите планови за воена интервенција и директен конфликт меѓу Русија и НАТО, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
„Русија е категорично против такво сценарио кое се заканува со директен конфликт меѓу Русија и НАТО“, изјави Захарова на прес-конференцијата.
Захарова оцени дека Лондон и Париз продолжуваат да прават планови за воена интервенција во Украина и да ја маскираат како „некаков вид мировна мисија“, пренесе РИА Новости.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска организира уште еден самит на „коалицијата на спремните“ за мир и безбедност за Украина, во серија состаноци одржани во Париз и Лондон во последните недели со цел да се воспостават безбедносни гаранции за Киев како дел од можниот иден мировен договор со Русија, што се обидуваат да го постигнат САД предводени од Доналд Трамп.
Самитот, како што рече Макрон минатата недела, треба да овозможи „финализирање“ на работата на договорот за воена помош за Украина „на краток рок“, според „постојаниот и одржлив модел на украинската армија за спречување на руските инвазии“ во иднина и за „безбедносните гаранции што можат да ги донесат европските армии“, вклучително и копнено распоредување на украинска територија.
Прашањето за испраќање западни мировни трупи на украинска територија во случај на прекин на огнот со Русија ќе биде во фокусот на последниот самит, јави телевизијата БФМ.
Иницијативата за распоредување европски сили во Украина за гарантирање на мирот, за која најмногу се залагаат Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.