Во Украина наскоро пристигнуваат борбени авиони Ф-16, но малку е веројатно дека веднаш ќе му овозможат на Киев успешно напредување на бојното поле, бидејќи европските членки на НАТО досега обучиле само шест украински пилоти да управуваат со нив, пишува американскиот дневен весник „Вашингтон пост“.
Во текот на изминатите неколку месеци, Украина бараше од своите сојузници да ѝ испратат борбени авиони, тврдејќи дека тоа ќе им помогне да се одбранат од руските напади со долг дострел и да донесе успешен и брз крај на војната.
Американскиот весник, повикувајќи се на украински и западни претставници, пишува дека не само што има премалку обучени пилоти за да ѝ дадат предност на Украина, туку и авионите не можат веднаш да се користат во борба поради подобрените руски системи за противвоздушна одбрана.
„Едноставно има премалку авиони и премногу руска противвоздушна одбрана за да ги собориме. Тоа значи дека првите Ф-16 најверојатно ќе се користат за зајакнување на воздушната одбрана на Украина – за соборување воздушни цели како што се ракети, беспилотни летала и авиони – наместо отколку да се нападне на руските копнени сили и други воени средства во близина на фронтот“, пишува Вашингтон пост.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека на Киев му се потребни повеќе од 100 авиони Ф-16 за да се бори против огромните руски воздушни сили и посочи дека бројот на борбени авиони што ги добива Украина е „недоволен“, пишува весникот.
„Во програмата за обука на украински пилоти на авиони Ф-16 учествуваат неколку европски земји, но проектот има ограничен број места и се соочува со бројни одложувања, а отежнувачка околност е што на обуката и претходи четиримесечен јазичен курс во Британија, што значи дека тие пилоти тогаш не се на должност во Украина“, изјавија официјални лица.
Европските власти најавуваат дека Украина оваа година би можела да добие ескадрила од авиони Ф-16, што е околу дваесет авиони, но сепак е многу помалку отколку што се надеваше Киев.