Врховниот суд во Колорадо му забрани на Трамп да се кандидира на изборите

Сподели со своите пријатели

Поделениот Врховен суд во Колорадо го прогласи поранешниот претседател Доналд Трамп за неподобен за Белата куќа и пресуди дека тој не може да биде на гласачкото ливче на изборите следната година во државата поради, како што велат, неговата улога во нападот на неговите поддржувачи на Конгресот на 6 јуни јануари 2021 година.

Loading...

Трамп е првиот претседателски кандидат во американската историја кој е прогласен за неподобен за функцијата претседател, според ретко користената одредба од Уставот на САД, која им забранува на функционерите кои учествувале во „бунт“ да извршуваат јавна функција, објави Ројтерс.

Одлуката на Врховниот суд во Колорадо се однесува само на републиканските прелиминарни избори, кои ќе се одржат на 5 март, но најверојатно ќе влијае на положбата на Трамп на претседателските избори на 5 ноември 2024 година.

Историската пресуда го отвори патот за веројатна одлука на американскиот Врховен суд – највисокиот суд во земјата – за тоа дали Трамп, инаку фаворит за освојување на републиканската претседателска номинација, може да остане во изборната трка.

„Мнозинството од судот утврди дека Трамп е дисквалификуван од функцијата претседател според клаузулата 3 од 14-тиот амандман“, се вели во одлуката на судот поддржана од четворица судии, додека тројца не се согласуваат.

Притоа, највисокиот суд во Колорадо ја поништи претходната одлука на судијата на окружниот суд кој пресуди дека Трамп поттикнал немири поради неговата улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, но дека не може да му биде забрането да се кандидира бидејќи беше нејасно дали уставната одредба се однесува на позицијата на претседателот.

Спроведувањето на оваа одлука е одложено до 4 јануари, за да се даде време за поднесување жалба.

Доколку случајот оди до Врховниот суд на САД, пресудата нема да биде спроведена се додека не се донесе конечна одлука.

Loading...

„Не ја донесовме оваа одлука лесно. Ја земавме предвид важноста и тежината на прашањето пред нас. Ние, исто така, внимававме на нашата должност да го применуваме законот, без страв и пристрасност и без да бидеме под влијание на реакциите на јавноста на одлуките што законски сме обврзани да ги донесеме“, напиша мнозинството во судот.

Адвокатите на Трамп најавија дека веднаш ќе се жалат до Врховниот суд, кој го има последниот збор за уставните прашања.

„Врховниот суд во Колорадо донесе сосема погрешна одлука и ние брзо ќе поднесеме жалба до Врховниот суд на САД и ќе побараме оваа длабоко недемократска одлука да биде блокирана“, рече портпаролот на кампањата на Трамп Стивен Чанг во соопштението.

Трамп ги загуби претседателските избори во 2020 година од актуелниот претседател Џозеф Бајден во Колорадо со разлика од 13 отсто и нема потреба да ја освои државата следната година за да добие уште еден претседателски мандат.

Но, постои опасност повеќе судови и претставници на изборите, исто така, да го исклучат Трамп од гласачкото ливче во државите што мора да се добијат.

Официјални лица од Колорадо рекоа дека проблемот мора да се реши до 5 јануари, крајниот рок за печатење гласачки ливчиња за пратеничките групи во државата.