Вооружен напаѓач денес убил воспитувачка во градинка во училиште во источен Тајланд, од каде што безбедно биле евакуирани 44 деца и уште три наставници, објавија властите.
Пукањето се случило околу 11:00 часот наутро во градинката „Нонгплалај“ во покраината Чонбури, околу 150 километри југоисточно од главниот град Бангкок.
Според локалните власти, сите 44 ученици биле неповредени и биле евакуирани заедно со другите наставници по пукањето.
Напаѓачот, за кој се верува дека е сопруг на жртвата, избегал од местото на настанот, а неговиот дом бил опкружен од полиција.
Гувернерот на Чонбури, Нарит Нирамаивонг, наредил затворање на објектот и ангажирање експерти за ментално здравје за поддршка на учениците и училишниот персонал, соопшти неговата канцеларија.
Насилството со оружје е во пораст во Тајланд во последно време, откако 14-годишен ученик уби осум лица и рани повеќе од 20 други во неговото средно училиште и семеен дом во август пред да изврши самоубиство.
Друг 14-годишен ученик беше уапсен на почетокот на септември откако испука неколку куршуми, но не повреди никого, во неговото училиште во покраината Камфенг Пет, 200 километри северно од Бангкок.
Повиците за построга контрола на оружјето се интензивираа, а владата нареди преиспитување на прописите за оружје, вклучително и суспендирање на новите дозволи за оружје и преиспитување на постојните дозволи.
Тајланд има една од највисоките стапки на поседување огнено оружје во Азија, и покрај прилично рестриктивните закони за оружје.

