Обилните врнежи од дожд погодија големи области на северна и западна Јапонија, додека 35 последователни дена со дожд беа регистрирани во централниот дел на Токио, што е најдолгата низа од почетокот на мерењата, објави денес Јапонската метеоролошка агенција.
Агенцијата соопшти дека дождот паѓа во областа од Хокаидо до регионот Кјушу, од крајниот север до југозападот на земјата, поради стационарен есенски фронт, објавува CNN.
Дождливо време преовладува главно по должината на пацифичкиот брег на источна Јапонија, а во централен Токио врнеше дожд 35-ти ден по ред, соборувајќи го претходниот рекорд поставен во 2019 година.
Количината на врнежи од дожд во текот на изминатиот месец во некои делови од јужен Канто и други области беше околу три пати поголема од просекот.
Бројот на сончеви часови беше исто така помал од вообичаеното, поради што метеоролошките служби ги повикаа земјоделците да обрнат посебно внимание на земјоделските култури.
Тропската бура Суригае се движеше североисточно над морето јужно од Јапонија вчера со брзина од 15 километри на час.
Притисокот во центарот на бурата изнесуваше 990 хектопаскали, додека максималната брзина на ветерот достигна 108 километри на час, со налети до 144 километри на час.
Бурата постепено слабее, но утре може да се приближи до островите Изу, во источниот дел на Јапонија. На тие острови се очекуваат високи бранови, а во јужниот дел од архипелагот, многу силен ветер и немирно море.
Дождот може да продолжи да паѓа и во префектурите Чиба и Канагава, во поширокото подрачје на Токио, кои беа силно погодени од рекордните врнежи од дожд, до утре.
Во тие области постои ризик од лизгање на земјиштето поради нестабилните падини, додека некои насипи се оштетени, па дури и помали количини дожд би можеле да предизвикаат нови катастрофи.
Официјалните служби ги повикаа граѓаните да бидат повнимателни поради високите бранови, силните ветрови и лизгањето на земјиштето, како и да ги следат најновите информации за времето.

